Top Sport

Тешки обвинувања: Реал со поддршка од Барселона се обидува да го уништи шпанскиот фудбал

Со денови нема мир на Пиринејскиот полуостров, а нема да има во скоро време. Клубовите се револтирани и згрозени од постапките на Реал Мадрид, а најгласни се градскиот ривали Атлетико, Атлетик Билбао и Севилја.

Од стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ пристигнаа сериозни обвинувања против „кралскиот клуб“, а критики се испратени и кон Барселона.

Реал врши силен притисок, најчесто преку клупската телевизија. Ги критикува судиите, Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација. Убедени се дека одредени судии ги опструираат во борбата за титулата.

Претседателот на Севилја, Хозе Марија дел Нико Караско, отворено го искажа својот став за случувањата во лигата, рече дека е ужаснат и загрижен од последните потези на Реал Мадрид.

„Важно е да се направи разлика помеѓу намерата да се направат промени во судискиот систем и неодамнешната изјава на Реал Мадрид, која е неподнослива и неприфатлива. Тоа го доведува во прашање интегритетот на натпреварувањето и чесноста на судиите. Мораме јавно да го осудиме ова, па дури и да преземеме правна постапка против секоја комуникација што го загрозува интегритетот на спортот“, рече Караско, пред натпреварот на Севилја со Барселона, а ден по градското дерби меѓу Реал и Атлетико (1:1), по кое од „кралскиот клуб“ повторно се жалеа на судењето.

Првиот човек на клубот од Андалузија е загрижен и за далекусежните последици од најновите постапки на великанот од „Сантијаго Бернабеу“.

„Она што најмногу ме загрижува е тоа што оваа ситуација изгледа никого не изненадува. Реал Мадрид се обидува да го поткопа шпанскиот фудбал преку своите медиумски канали, да го уништи, а ние не можеме да му дозволиме да го стори тоа. Нема да толерираме никакво доведување во прашање на интегритетот на судиите во јавноста. Она што тие се обидуваат да го направат е да извршат притисок врз судиите и да не им дозволат да судат според нивната слободна проценка“.

На Караско исто така не му се допаѓа односот на Барселона во оваа ситуација, бидејќи не ја разбира пасивноста на најголемиот ривал на Реал.

„Доколку јавно не го искажале својот став, тоа сугерира дека се согласуваат со идејата дека судиите се неправедни кон Реал Мадрид. Дали Барселона навистина смета дека е вредно да го оправда ваквото однесување за да ги собере остатоците зад Реал Мадрид? Ги повикувам да не се обидуваат да го уништат“, изјави претседателот на Севилја и за крај призна дека не вечера со луѓето од Барселона и дека оваа практика нема да се промени додека не понудат одговори за „случајот Негреира“.

„Јавно го кажавме нашиот став во врска со „случајот Негреира“. Сè уште чекаме објаснување од Барселона. Ги поканивме во ложата, тоа е нивно право, но немаше вечера. Нема да седам во ложата со луѓето од Барселона додека не дадат објаснување. Ги прекинавме односите и тука работите не се сменија.“

Scroll to Top