Top Sport

Газдата на Далас за Дончиќ: Џордан и Брајант даваа се од себе

Патрик Думонт, сопственикот на Далас Маверикс, конечно реши да проговори за трејдот на Лука Дончиќ, откако не престануваат критиките и протестите за потегот што го направи франшизата од Тексас.

Зборувајќи за „Далас морнинг нуз“, Думонт ги отфрли тврдењата дека Дончиќ го напуштил Далас поради финансиски причини и ја сподели својата страна од приказната.

„Тимовите победуваат затоа што сите играчи се фокусирани и го имаат вистинскиот карактер, ја носат вистинската култура, ја покажуваат вистинската посветеност кон работата и работат напорно за да придонесат за исходот на шампионатот. Ако не се работи така, поразите се неизбежни“, објасни тој.

Думонт јасно стави до знаење какви вредности очекува од своите играчи, па ги спомна најголемите НБА легенди.

„Ако ги погледнете великаните на оваа лига, луѓето со кои пораснавме вие и јас: Џордан, Бирд, Коби, Шек, тие работеа навистина напорно, секој ден, со единствен фокус на победата. Ако го немате тоа, тогаш нема резултати. И ако го немате тоа, не треба да бидете дел од Далас Маверикс. Тоа е она што го сакаме. Јас сум категоричен за ова. Целата организација го знае тоа. Така работам надвор од кошарката. Ова е единствениот начин да се биде конкурентен и да се победи. Ако сакате да одите на одмор, не правете го тоа со нас“, рече газдата на Далас и дополни.

„Јас сум голем фан на Лука. Моето семејство исто така. Навистина го ценам она што тој го донесе во овој тим, она што го донесе во Далас. Тој е неверојатен играч. Сакам да знаете дека навистина сочувствувам со сите наши фанови кои се разочарани. Видете, што се однесува до мене, Лука ќе биде „маверик“ засекогаш, а јас навистина му посакувам среќ и успех во кариерата“.

Scroll to Top