Амбасадорот на Саудиска Арабија во Обединетото Кралство, Калид бин Бандар Ал Сауд изјави дека на Светското првенство во таа земја нема да биде дозволено консумирање алкохол.
Како што е познато, Саудиска Арабија е домаќин на Светското првенство во 2034 година, и тоа ќе биде посебно по многу нешта, а ќе биде единствено поради една причина – ќе биде првото каде што навивачите нема да можат да консумираат алхолни пијалоци.
Во интервју за ЛБЦ, принцот Калид бин Бандар Ал Сауд вели дека алкохолот нема да се продава никаде за време на турнирот, ниту во хотелите, ниту пак ќе се создадат посебни зони каде што ќе се служи пиво, како што беше случајот со Катар.
„Во моментов не дозволуваме алкохол“, вели принцот Калид, додавајќи:
„Можете добро да се забавувате без алкохол, тоа не е 100% неопходно, а ако сакате да пиете откако ќе заминете, добредојдени сте, но ние во моментов немаме алкохол“, вели Калид.
На прашањето дали навивачите ќе можат да пијат по враќањето во хотелот од стадионот, тој потврди дека тоа нема да биде можно.
Во Катар алкохолот можеше да се најде во споменатите фан зони и во хотелите.
Саудиска Арабија, како и Катар, има строги закони кога се во прашање истополовите врски и трансродовите лица, но на овие категории нема да им биде забрането слободно да доаѓаат и да се движат. Ќе бидат пречекани како и секој друг гостин.
„Сите се добредојдени во Саудиска Арабија. Тоа нема да биде саудиски настан, тоа е глобален настан, толку голем, ќе бидеме домаќини на сите што сакаат да дојдат“.
Саудиска Арабија во последните години троши огромни суми пари на големи спортски настани и ги носи најголемите фудбалски ѕвезди во својата земја. На овој начин, тврдат бројни организации за човекови права, Саудијците сакаат да го подобрат својот имиџ и слика за себе во светот поради кршењето на човековите права.