Францускиот ракометар Лука Карабатиќ објави дека ставил крај на репрезентативната кариера.
Карабатиќ (36) со француската репрезентација има освоено десет медали на големите натпреварувања, од кои пет златни. Во моментов е член на Пари Сен Жермен.
„По Олимпијадата дојде до смена на генерацијата, а кога се вратив на тренинзите по мојата повреда во ноември 2024 година, сфатив дека многу познати лица повеќе ги нема. Тоа ме натера да се преиспитам. По неуспехот на Олимпијадата, не сакав да ја завршам репрезентативната кариера со чувство на горчина.
Сè уште имав можност да играм на големо натпреварување и да се обидам да ја завршам кариерата на високо ниво“, изјави меѓу другото Карабатиќ на социјалните мрежи.
Карабатиќ годинава со репрезентацијата на Франција го освои бронзениот медал на Светското првенство.
„Уживав на последниот турнир. Не беше лесно, но успеав да уживам. Секако, не ја освоивме титулата, но да ја завршам репрезентативната кариера со медал е посебно чувство“, истакна ракометарот на Пари Сен Жермен.