Top Sport

(Видео) Баерн и Интер си ги чекираа билетите за четртфиналето

Баерн Минхен и Интер, вечерва го потврдија своето учество во четвртфиналето, во Лигата на шампионите. Баерн и во вториот меч го совлада актуелниот германски првак Баер, овојпат во Леверкузен, а Интер лесно излезе на крај и во реваншот против Феенорд.

Баварците во првиот натпревар во Минхен остварија убедлива победа (3:0) и практично се обезбедија место меѓу најдобрите осум, кое само го потврдија во Леверкузен со победата 2:0.

Хари Кејн имаше своја ноќ. Во 52. минута ја искористи асистенцијата на Џошуа Кимих и го доведе Баерн во предност, а во 71. минута му асистираше на Алфонс Дејвис.

Баерн во четвртфиналето ќе игра со Интер, кој рутински го оодигра реваншот против Феенорд.

Натпреварот на „Џузепе Меаца“ заврши со резултат 2:1 (1:1).

Нероаѕурите го добија првиот меч во Ротердам со 2:0 и брзо поведоа во реваншот со голот на Маркус Турам, веќе во осмата минута.

Холанѓаните не се предадоа и успеаја да израмнат на крајот од првото полувреме со голот од пенал на Јакуб Модер. На пеналот му претходеше прекршок врз поранешниот играч на Брајтон и полски репрезентативец.

Во вториот дел пенал доби и Интер, реализатор беше Хакан Чалханоглу.

Првите натпревари од четвртфиналето се закажани за 8 и 9 април, а реваншите на 15 и 16 април.

Scroll to Top