Најпознатиот и најатрактивниот снукер играч во историјата, Рони О’Саливен вели дека има многу амбиции во животот и покрај огромниот успех досега.
Првиот приоритет, секако, е да ја заврши кариерата со осум светски титули (досега има пет), со што би ги поминал Стивен Хендри (7) и Стив Дејвис и Реј Рирдон (6). Потоа, кога ќе го остави стапот, сака да трча со кениските атлетичари, за потоа да стане будистички свештеник во Тајланд! „Ракетата“ никогаш не оди на нешто помалку.
Утре, 42-годишниот О’Саливен, кој ја надмина границата од 10 милиони фунти заработени од снукерот, ја почнува одбраната на Англија опен, неговиот прв ренкинг настап во 2018/19 откако најави дека ќе настапува помалку.
„Морам да бидам реален. Сега сум во фаза на обнова на мојата игра во следните две години. Нема да играм многу како другите и затоа морам да бидам поподготвен. Но, немојте да ме отпишувате, бидејќи уште не сум готов. Се надевам кога ќе завршам луѓето ќе се сеќаваат на мојата игра, не на моите титули. Но, има и работи кои сакам да ги направам покрај снукерот. Сакам да одам во Кенија и да трчам со нивните фантастични атлетичари. Потоа, сакам да одам во Тајланд да живеам со будистичките свештеници. Тоа се работи кои ми се важни. Имам еден пријател кој е будист и бидејќи е толку мирен и прекрасен, би сакал да се обидам со тоа. Сега не е време, бидејќи имам работа и семеен живот, но тоа е на мојата листа“, вели О’Саливен.