Никола Јокиќ одигра сезона од соништата, а Денвер Нагетс подготвуваат нов договор за трикратниот МВП на НБА.
Продолжување на соработката меѓу Србинот и тимот од Колорадо најавија инсајдерите на најсилната кошаркарска лига во светот Тим Мекмахон и Рамона Шелбурн.
Според нивните информации, Јокиќ за новиот тригодишен договор ќе добие 212 милиони долари, а американските медиуми веќе посочуваат дека Јокиќ ќе ја прифати понудата.
Доколку тоа се случи, Јокиќ ќе стане најплатениот кошаркар во историјата. Пресметката вели дека тој ќе заработува 70,6 милиони долари годишно.
Во моментов најмногу заработува Стеф Кари, кој сезонава инкасира 55,761 милиони долари, додека Јокиќ е на второто место со 51,415 милиони. Иста плата има и Џоел Ембид.
Никола Јокиќ го заврши регуларниот дел од сезоната со трипл-дабл просек од 29,8 поени, 12,8 скока и 10,3 асистенции. Пред Јокиќ трипл-дабл просек имале само Оскар Робертсон и Расел Вестбрук.
Нагетс изборија пласман во плеј-офот како четврти тим од Западот. Во првото коло од плеј-офот ќе играат против Лос Анџелес Клиперс.