Алкалоид в недел аќе го одигра првиот натпревар од полуфиналето на Европскиот Куп на ЕХФ. Противник на Алкалоид ќе биде Рунар Сандефјорд од Норвешка.
Пред натпреварот, прес конференција одржаа тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓорѓиев.
„Не очекува еден тежок меч против незгоден противник. Во изминатиот период имавме доста тешки натпревари, со квалитетни противници во лигата во рамки на плеј-офот. Доста го анализиравме Рунар, со доста материјали. Имаме доста информации кои ни покажуваат дека се работи за сериозна екипа со скандинавски стил кој не ни одговарал многу низ историјата. Рунар до полуфиналето дојде со победи над квалитетни ривали како Целје, Бешикташ и Олимпијакос. Сите овие противници кои ги набројав Рунар ги елиминира во два натпревари, така што не очекува доста тежок натпревар не само во Скопје, туку и во Норвешка. Пласманот во полуфиналето со македонски сили секако дека е успех, се надевам дека ќе имаме сила и енергија по тешките мечеви да излеземе на терен и да водиме тешка борба во целите 60 минути, знаејќи го нивниот стил.“, рече Лазаров.
„Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале. Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка, наш седми играч и да се бориме за историски момент и европско финале. Со оглед на тоа дека имаме тројца или четворица играчи повредени, јас како капитен свесен сум, а и играчите дека мора да функционираме како тим. Ако продолжиме така како што играме до сега, имаме огромни шанси како во европскиот Куп така и во плеј-офот во лигата, рече капитенот Ѓорѓиев.
Натпреварот Алкалоид – Рунар Сандефјорд се игра во салата „Автокоманда“ во недела со почеток од 19:00 часот, реваншот во Сандефјорд е четири дена подоцна.