Top Sport

Лестер испадна од Премиер лигата и продолжи да руши негативни рекорди

Поразот од Ливерпул на стадионот „Кинг Пауер“ (0:1) значи дека Лестер дефинитивно испаднаа од Премиер лигата и во исто време станаа неславни рекордери во една од најцрните серии во англискиот фудбал.

За фудбалерите на Лестер ова беше деветти последователен пораз на домашен терен во Премиер лигата и деветти меч пред домашните навивачи на кој не постигнаа гол!

Гол разлика 0:22!

По ред: Ливерпул 0:1, Њукасл 0:3, Манчестер Јунајтед 0:3, Брентфорд 0:4, Арсенал 0:2, Фулам 0:2, Кристал Палас 0:2, Манчестер Сити 0:2, Вулверхемптон 0:3.

„Лисиците“ станаа првиот тим во историјата на најсилната англиска лига што не постигнал гол на девет последователни натпревари на домашен терен (со сите девет порази).

Во историјата на англискиот фудбал само фудбалерите на Вулверхемптон во втората англиска лига беа полоши во оваа категорија со 10 меча без гол на домашен терен во периодот од декември 1984 до април 1985 година.

Прашање е што ќе прави клубот во иднина? Сериозни анализи и веројатно големи промени допрва следуваат. Што ќе се случи со миленикот на фановите Џејми Варди?

Најдобриот играч во Премиер лигата од 2016 година, сезоната кога Лестер го направи едно од најголемите изненадувања во историјата на фудбалот и ја освои титулата, му истекува договорот во јуни и допрва треба да добие понуда од клубот да потпише нов.

Варди изјави дека се уште нема да се пензионира, иако следниот јануари ќе наполни 39 години.

А што ќе биде со Руд Ван Нистелрој? Холанѓанецот не успеа да го задржи Лестер во Премиер лигата и не е познато дали ќе го води тимот следната сезона.

На новинарско прашање кога ја очекува одлуката на клубот, тој одговара:

„Се надевам наскоро. Новата сезона започнува многу брзо и треба да започнат подготовките. Значи, што побрзо, толку подобро”.

Scroll to Top