Top Sport

Димитријевиќ го напушта Милано?

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ (27) веројатно ќе го напушти Милано по само една сезона.

Димитријевиќ пристигна во Милано претходното лето, зад себе има солидна сезона (7,6 п, 2,9 ас) и неколку забележителни натпревари (на Реал му даде 22 поени, на Панатинаикос 15, на Фенербахче 15…), но тренерот Еторе Месина во моментов не смета на него.

Последниот меч за Милано Димитријевиќ го одигра на почетокот на април, против Реџана во лигата (9 мин, 4 п.).

Тој отсуствуваше на следните три натпревари, а италијанските медиуми пренесуваат дека Македонецот ќе го напушти тимот на крајот од сезоната иако има уште една година од договорот со клубот.

Неговиот поранешен клуб Уникс, каде Димитријевиќ ги одигра најдобрите натпревари во кариерата, сака да го врати во своите редови.

„Проблемот е што тој има договор со Милано и за следната сезона. Ненад сака да игра, а ние се обидовме да го доведеме пред почетокот на плеј-офот, но Месина беше тврдоглав. Очигледно, Месина не ја сака Русија иако работеше тука долги години со голем успех”, изјави долгогодишениот функционер во клубот, Евгениј Богачев.

Оперативецот на Уникс вели дека нема да се откаже од Димитиријевиќ, бидејќи многу ги цени неговите квалитети.

„На Ненад му е јасно дека е на возраст кога треба да игра, а не да седи на седи на клупата. Ова што му се случува сега може да влијае на неговата понатамошна кариера. Дали ќе се обидеме повторно да го доведеме? Ќе видиме што ќе се случи на лето”, изјави Богачев.

Во својата последна сезона во ВТБ лигата, Димитријевиќ имаше просек од 18,9 поени, 3,6 скока и 6,9 асистенции по натпревар. Во сезоната 2023/2024 беше МВП на лигата.

Инаку, Милано, минатото лето на Уникс му плати 100.000 евра за Димитријевиќ.

Scroll to Top