Новак Ѓоковиќ го распродава угледот. Испадна во првиот меч на Мастерсот во Мадрид од Италијанецот Матео Арналди (44. на АТП листата).
Петтиот тенисер во светот, по разочарувачкото издание во Монте Карло, беше брзо запрен и на мадридската земјена подлога.
Матео Арналди, го победи Ѓоковиќ во два сета во второто коло од турнирот во главниот град на Шпанија со резултат 6:3, 6:4 за еден час и 42 минути. Неговиот следен противник ќе биде Дамир Џумхур.
Неизнудените грешки и лошата реализиција на брејк топките придонесоа за поразот на Ѓоковиќ. Српскиот тенисер искористи само една од петте брејк топки, за разлика од него Арналди беше максимален, ги искористи трите брејк шанси. Ѓоковиќ имаше 18 винери и дури 32 неизнудени грешки, премногу за меч во два сета.
Да потсетиме, Новак загуби од Алехандро Табило во првиот мач во Монте Карло а ако се смета и поразот во финалето во Мајами од Јакуб Меншик, ова е негов трет последователен неуспех.