Top Sport

(Видео) Индијана го елиминира Милвоки, Бостон ја доби серијата против Орландо, Детроит се уште е во игра

Во спектакуларен финиш во „Гејнбриџ Филдхаус“, Индијана Пејсерс ги победија Милвоки Бакс со 119:118 по продолжение и обезбедија пласман во втората рунда од плејофот на Источната конференција. Пејсерси оваа серија ја добија со 4.1.

Публиката во Индијанаполис сведочеше на вистински кошаркарски трилер, кој кулминираше со поените на Тајрис Халибартон во последната секунда од продолжението.

Со тоа, домашниот тим комплетираше неверојатна серија од 8:0 во финишот и добија загубен натпревар. Бакс имаа водство од седум поени (118:111) пред последните 40 секунди.

И покрај нереалниот трипл-дабл на Јанис Адетокумбо (30 поени, 20 скока, 13 асистенции), Милвоки не успеа да ја продолжи серијата.

Гари Трент беше најефикасен кај гостите со 33 поени, додека Еј Џеј Грин додаде 19.

Од другата страна, Халибартон ја предводеше Индијана со 26 поени, Мајлс Тарнер постигна 21, а Арон Нисмит 19.

Во преостанатите два натпревари од плејофот на НБА лигата, кои се одиграа ноќта помеѓу вторник и среда, победи забележаа Детроит Пистонс и Бостон Селтикс.

Детроит Пистонс ги победија Њујорк Никс во „Медисон Сквер Гарден“ со 106:103 во неизвесна завршница и го намалија резултатот во серијата на 3:2, додека Бостон Селтикс демонстрираа моќ пред своите навивачи и ги декласираа Орландо Меџик со 120:89, завршувајќи ја серијата со вкупен резултат од 4:1.

Петтиот натпревар помеѓу Никс и Пистонс донесе драма. Неизвесно беше се до последните три минути кога Кејд Канингем ги презеде конците во свои раце.

Никси имаа шанса да победат во продолжението, но не успеаја да забележат офанзивен скок по промашувањето на Мекбрајд, што му овозможи на Детроит да слави на гостински терен по втор пат во серијата.

Канингем беше најефикасен во победничкиот тим со 24 поени, осум скока и осум асистенции. Аусар Томпсон исто така даде голем придонес со 22 поени.

За Никсите, О Џи Ануноби постигна 19 поени, додека Микел Бриџис и Карл-Ентони Таунс додадоа по 17.

За разлика од натпреварот во Њујорк, Бостон рутински ја заврши серијата против Орландо пред своите навивачи.

Меџик делуваше конкурентно во текот на првото полувреме, на пауза Орландо заминаа со водство49:47, но целосно потона во второто полувреме.

Селтиксите во третата четвртина го решија прашањето за победникот. Џејсон Тејтум одигра одличен натпревар со 35 поени и десет асистенции, додека Џејлен Браун постигна 23 поени.

Кај гостите, само Франц Вагнер беше на висина на задачата со 25 поени.

Бостон сега го чека исходот од серијата меѓу Никс и Пистонс за да го дознае името на противникот во второто коло од плејофот на Источната конференција.

Scroll to Top