Top Sport

Кин: Хојлунд игра како дете што излегло од академија, а за него платија 85 милиони евра

Рој Кин повторно ги критикуваше играчите на Манчестер Јунајтед, овој пат конкретно „удри“ по Расмус Хојлунд. Данецот против Челзи имаше уште едно лошо издание оваа сезона.

Јунајтед беше поразен синоќа пред финалето на Лига Европа против Тотенхем, со што ја продолжи катастрофалната низа, само два освоени бода од почетокот на април и пет порази во последните шест натпревари.

Тимот на Рубен Аморим падна на 16. место во Премиер лигата. Зад ЈУнајтед на табелата се само Тотенхем и трите тима кои испадна од Премиер лигата. Сите надежи ги полагаат на финалето во Билбао, кое би можело да претставува единствен спас во сезоната.

Расмус Хојлунд, напаѓач кој беше платен 85 милиони евра пред две години, а кој постигна само четири гола на 31 натпревар во Премиер лигата оваа сезона, многумина го сметаат за еден од симболите на неуспешната сезона. Рој Кин без двоумење го изрази своето незадоволство на „Скај Спортс“.

„Тие немаат напаѓач. Хојлунд вечерва изгледа како тоа дете од Челзи, Тирик Џорџ. Како штотуку да излегол од академијата, игра како дете од фудбалско училиште. Неговото трчање, неговото темпо, како игра кога со грб е свртен кон голот, сè беше погрешно“, рече Кин и додаде:

„Кога си напаѓач на Манчестер јунајтед, мора самиот да создадеш нешто. Големите клубови секогаш имаат напаѓачи кои прават разлика дури и кога нема да добијат совршена топка, поради талентот, искуството, фудбалската интелигенција. Тоа не го гледаме во Хојлунд.“

Кога водителот Дејв Џонс го праша дали Хојлунд би бил подобар со подобри соиграчи, Кин одмавна со раката: „Постојано наоѓаме изговори за него. Јасно е дека му треба помош, но понекогаш едноставно мора да бидеш подобар. Платен си 85 милиони евра.“

Scroll to Top