Австралискиот возач во Формула 1, Џек Дуан, побара да престане малтретирањето на неговото семејство откако лажна објава на социјалните мрежи погрешно му била припишана на неговиот татко. Таа објава предизвика бурни реакции.
„Ве молам престанете да ми го вознемирувате семејството. Не мислев дека ќе морам да дојдам до ова“, напиша 22-годишниот Дуан на својот Инстаграм профил, кој го следат половина милион корисници.
Дуан ја започна сезоната како возач на Алпин, но по шест трки на почетокот на мај, тој беше заменет од Аргентинецот, Франко Колапинто.
Дуан објасни дека бранот на сајбер-малтретирање дошол откако на неговиот татко, поранешниот светски шампион во мотоциклизам Мик Дуан, лажно му била припиша објава во која го исмејувал инцидентот на Колапинто за време на квалификациите за Големата награда на Емилија Ромања во Италија минатиот викенд.
„Неколку аргентински медиуми погрешно ја објавија таа монтирана слика“, додаде Дуан.
Тимот Алпин, исто така, во соопштение побара да се запре оваа кампања на вознемирување на интернет.
„Ги потсетуваме сите дека зад визирот на овие натчовечки спортисти стои личност, поединец со чувства, семејство, пријатели, најблиски“, се вели во соопштението на францускиот тим.
„Како тим, не можеме да толерираме онлајн насилство и ги повикуваме сите фанови на спортот што го сакаме да бидат љубезни и полни со почит“, се додава во соопштението.
Аргентинскиот возач ја заврши трката Имола на 16-то место, откако се изврте од патеката за време на квалификациите претходниот ден.
Следната трка во Формула 1 е овој викенд во Монако.