Манчестер сити го победи Борнмут со 3:1 синоќа и сега е многу блиску до место во Лигата на шампионите. Во ростерот за натпреварот Пеп Гвардиола имаше 20 играчи, но меѓу нив нема беа Абдукодир Хусанов, Савињо, Џејмс Мекарти, Клаудио Ечевери и Рико Луис.
И покрај тоа што има голем број играчи на располагање, шпанскиот тренер рече дека сака помал ростер за следната сезона.
„Му кажав на клубот дека ова не го сакам (голем ростер). Не сакам да оставам пет или шест играчи надвор од протоколот. Не го сакам тоа. Ќе си заминам. Направете помал ростер, тогаш ќе останам. Непријатно е кога треба да им кажам на играчите дека не можат да играат“, рече Гвардиола, објави Би-Би-Си.
Гвардиола додаде дека е тешко постојано да се изоставуваат играчи од составот за натпреварите.
„Можеби три, четири месеци не можевме да избереме 11 играчи, немавме дефанзивци, беше многу тешко. После тоа, луѓето се вратија, но следната сезона не може да биде така. Како тренер, не можам да тренирам 24 играчи, а секој пат морам да оставам четири, пет, шест дома во Манчестер затоа што не можат да играат. Тоа не смее да се случува. Му кажав на клубот, не го сакам тоа“, рече тој.
Во јануари, Сити потроши повеќе од 200 милиони фунти за потписите на Хусанов, Омар Мармуш, Нико Гонзалез и Витор Рејес, а Ечевери дојде на „Етихад“ по позајмицата во Ривер Плата.
Единствениот играч кој сигурно ќе го напушти клубот ова лето е Кевин де Брујне, додека се шпекулира дека и Џек Грилиш би можел да замине. Тој последен пат започна натпревар во Премиер лигата на 2 април.
На прашањето дали тоа значи дека се неизбежни повеќе заминувања, Гвардиола рече дека тоа е прашање за клупските челници.
„Не сакам да имам 24, 25, 26 играчи кога сите се здрави. Ако има повреди, за жал, имаме некои играчи од академијата за да го поплниме тимот“, рече 54-годишниот тренер.
Гвардиола рече дека голем тим е неодржлив и дека „за душата на тимот“ е важно неговите играчи да создадат нова врска едни со други, „која малку ја изгубија оваа сезона“.
Сите клубови во Премиер лигата можат да вклучат 25 играчи во составот, но не сите можат да играат. На веб-страницата на Манчестер сити, 28 играчи се наведени во првиот тим, заедно со четворица играчи кои се на позајмица.