Top Sport

Лазаров: Не сакам играчите да бидат под притисок, нека уживаат во натпреварот

Извор/ rkalkaloid.mk

Еден натревар, 60 минути го делат РК Алкалоид од трофејот во Европскиот куп. В недела, Алкалоид ќе го пречека АЕК во финалниот реванш. Натпреварот ракометарите на Алкалоид ќе го запопнат со предност од четири гола, минатата недела во Атина го добија првиот натпревар со 29:25.

„Сакам да се заблагодарам за поддршката во текот на целата сезона на овој европски пат. Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот.

Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до натпреварот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив.

Нашиот систем функционира, имаме и одредени слабости, не сакам да се навраќам дека ни недостигаат четири до пет важни играчи во вториот дел од полусезоната. Се надевам дека особено младите играчи нема да бидат премногу импресионирани и дека ќе знаеме да се справиме со тој позитивен притисок“, рече тренерот на Алкалод, Кирил Лазаров.
На новинарите им се обрати и еден од хероите на победата во Атина, голманот Иван Галевски. 20-годишникот е еден од хероите на победата во Атина, во вториот дел успеа да одбрани пет од шестте седмерци.

„АЕК е една искусна и доста квалитетна екипа, со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа во Скопје. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години.“

Натпреварот ќе се одигра в недела, во арената „Борис Трајковски“, со почеток од 20:30 часот.

Scroll to Top