Top Sport

Српскиот претседател Вучиќ го прими Јусеин Болт – Атлетичарот ќе биде амбасадор на „Експо 2027“

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Палатата Србија се сретна со повеќекратниот олимписки шампион и рекордер во спринт, Јусеин Болт.

Вучиќ и Болт ќе се обратат на медиумите по средбата.

На средбата присуствуваа и првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали и директорот на компанијата „Експо2027“ од Белград Душан Боровчанин.

Вучиќ утрово изјави дека легендарниот спортист и повеќекратен олимписки шампион Јусеин Болт ќе биде еден од промоторите на специјализираната изложба „Експо 2027“ што ќе се одржи во Белград, и нагласи дека ова е голема работа за Србија.

Вучиќ рече дека со доаѓањето на Болт, промоцијата на „Експо“ е подигната на спектакуларно ниво.

Болт е најпознатиот атлетичар во историјата, спринтер чии рекорди на 100 метри и 200 метри се активни од 2009 година и Светското првенство во Берлин.

Јусеин Болт е сопственик на осум златни олимписки медали, 11 медали од светски првенства, како и два сребрени и еден бронзен на планетарни првенства.

Болт никогаш не бил поразен на Олимписките игри, а од 2008 до 2016 година ги победил сите свои соперници.

„Експо 2027“ ќе ја чини Србија 1,3 милијарди евра само на директни трошоци. Сепак, на нив мора да се додадат и оние што не се официјално вклучени во центата на „Експо 2027“, но се неразделен дел од манифестацијата.

Станува збор за огромни интервенции во областа на инфраструктурата, сообраќајот и капиталните проекти, како што е Националниот стадион со капацитет од 55 илјади седишта. Со нив, трошоците за директни и индиректни инвестиции за Експото ќе изнесуваат 17 милијарди евра.

Сето ова за настан што ќе трае само три месеци, од мај до август 2027 година. Затоа проектот Експо со месеци предизвикува бурни реакции и критики во српската јавност, а многумина го сметаат за контроверзен поради огромните трошоци.

Да ве потсетиме дека претседателот Вучиќ се соочува со седум месечни протести низ целата земја, кои започнаа поради корупцијата во Србија, а Експо 2027 е уште една во низата теми што ја делат јавноста, која е огорчена од фактот дека за време на режимот на Вучиќ, капиталните проекти се преплатени многукратно.

Scroll to Top