Виљареал е уверен дека наскоро ќе го договори трансферот на дефанзивецот Рафа Марин. „Жолтата подморница“, која заврши на петтото место во Ла Лига оваа сезона и обезбеди место во Лигата на шампионите, долго време покажува интерес за шпанскиот централен бек, објавува „Туто Меркато“.
Клубот моментално е во преговори со Наполи, кој се обидува да ги врати 12-те милиони евра што ги потроши за играчот минатата година.
И покрај тоа што Наполи ја освои титулата во лигата, сезоната на Марин беше под очекувањата, бидејќи Антонио Конте не му даде речиси никаква шанса. Тој одигра вкупно само 139 минути во четири натпревари од Серија А.
Според Фабрицио Романо, Виљареал очекува трансферот да биде завршен следната недела. Планираниот договор вклучува позајмица од 1 милион евра со опција за откуп за 15 милиони евра и 10 проценти од наредната продажба.