Синот на Михаел Шумахер, 19-годишниот Мик оваа година го направи првиот поголем успех во својата кратка кариера, победувајќи во Европскиот Формула 3 шампионат, по што веднаш се појавија шпекулации дека тој наскоро може да го следи својот татко, кој освои седум титули во Ф1.
Притисокот на јавноста и големите очекувања не го поколебаа младиот Мик, и тој останува цврсто на земја, признавајќи дека е сосема можно воопшто да не заврши во Формула 1.
„Јасно е дека би можел да возам Ф1 болид. Тоа останува големата цел, но засега е многу нереално да го очекувам тоа. За да бидам 100 отсто подготвен како тркач, потребно да се поминат сите помали формула серии. Наместо тоа, би сакал да одам чекор по чекор, секогаш напред и да ги направам вистинските одлуки. Ќе видиме што ќе се случи во следните недели. Формула 1 е сон за сите возачи, но тоа е преголем чекор засега“, вели Шумахер Јуниор.
Герхард Бергер, поранешниот Ф1 возач и екссопственик на Ф1 тим, Герхард Бергер изјави дека Мик наликува на неговиот татко, додека шефот на Мерцедес, Тото Волф веднаш му честиташе и предвиде дека го очекуваат големи работи.
Шефот на Торо росо, Хелмут Марко изјави дека тие засега не го планираат во академијата на Ред бул, додека од Ферари, Маурицио Аривабене повеќе пати изјави дека вратите се секогаш отворени за семејството Шумахер.
„Мораме да го оставиме да работи и да се забавува. Тоа што освојува титули значи дека ќе има внимание околу него, но на тоа момче не му треба притисок. Самото презиме му носи притисок. Михаел е дел од историјат ана Ферари, па како можам да му кажам не“, изјави Аривабене.