Фудбалскиот клуб Олимпик Лион е исфрлен во втората француска лига поради неусогласеност на финансиите на клубот со прописите на натпреварувањето.
Олимпик Лион е седумкратен шампион на Франција и петкратен освојувач на Купот.
Според француските медиуми, долгот на клубот ја пробил границата од половина милијарда евра.
Во среда, Француската фудбалска федерација ја потврди одлуката донесена минатата зима, во меѓувреме, Лион не успеа да ги „испегла книгите“ и долговите што ги имаше, па следеше драконска казна.
Лион има право да поднесе жалба на оваа одлука од Француската фудбалска федерација.
„Лавовите“ паднаа во финансиска дубиоза кога паднаа во рацете на контроверзниот американски бизнисмен Џон Текстор, кој е сопственик и на Кристал Палас, Ботафого и Моленбек.
По состанокот со француското тело за финансиска контрола на професионалните клубови (DNCG), беше потврдено дека Лион е официјално префрлен во Втората лига – објави Фудбалската федерација на Франција.
Клубот претходно беше под привремена закана од испаѓање, со предупредување дека ќе испадне доколку не ја подобри својата финансиска состојба.
Групацијата „Игл Фудбал“, која е сопственик на Олимпик де Лион, се обиде да го убеди DNCG дека финансиите се подобруваат, го продадоа уделот на Џон Текстор во Кристал Палас, како и женскиот тим на Олимпик Лион.
Сепак, тоа не беше доволно за да се задоволат критериумите што ги бараа властите.
Оваа одлука доаѓа и покрај фактот дека сопственикот на клубот, Џон Текстор, беше оптимист по состанокот. Во разговор со новинарите, тој рече дека финансиската состојба е „значително подобра“ и дека е задоволен од тоа како поминал состанокот:
„Можете да видите дека нашите акционери инвестирале нов капитал, не само поради DNCG, туку и за лиценцирање на УЕФА. Исто така, има добри вести за продажбата на Кристал Палас. Нашата ликвидност сериозно се подобри“,ја пренесе „One Football“ изјавата на човекот кој буквално е „персона нон грата“ во Лион.
Сепак, сето ова не помогна. Како што стојат работите, Лион ќе игра во Втората лига почнувајќи од следната сезона.