Top Sport

Првиот пик на драфтот Далас го искористи за Купер Флег

Далас Маверикс го избраа првиот избор на драфтот како што се очекуваше, а улогата на носител на тимот ќе ја преземе Купер Флег. Минатата сезона стручњаците во САД најмногу внимание му посветија на крилениот играч од Универзитетот Дјук.

За Купер Флег се вели дека е „генерациски талент“. Во Далас треба да биде прва ѕвезда и заштитно лице на франшизата по заминувањето на Лука Дончиќ. Далас го испрати Дончиќ во ЛА Лејкерс во замена за Ентони Дејвис во февруари оваа година.

Овој 18-годишник висок 206 см ги покриваше двете крилни позиции во НЦАА првенството и имаше многу значајна улога во тимот кој стигна (само) до полуфиналето оваа година по рекорд од 35-4 во лигашкиот дел.

Флег, за само една сезона во Дјук ја освои секоја можна индивидуална награда, а во просек постигнуваше 19,4 поени, 7,5 скока, 4,2 асистенции и 1,4 блокади и украдени топки.

Сан Антонио го избра Дилан Харпер како втор избор.

Неодамнешниот бек на Универзитетот Рутгерс изјави дека негова цел ќе биде да ја продолжи низата од последователни сезони во кои играч на Спарс е именуван за добитник на наградата за најдобар дебитант во НБА, откако Стефон Касл и Виктор Вембањама ја освоија наградата во последните две сезони.

Филаделфија го избра Ви Џеј Еџкомб како трет пик, Шарлот го искористи четвртиот пик на Кон Нупел, додека Јута го избра Ејс Бејли со петтиот пик.

Вашингтон го искористи шестиот пик на Трео Џонсон, Њу Орлеанс го избра Џеремаја Фирс како седми пик, додека Бруклин го избра рускиот плејмејкер Јегор Демин како осми пик.

Торонто го избра Колин Мареј-Бојлс со деветтиот пик, Хјустон го искористи десеттиот пик на Каман Малуак, додека Минесота го избра центарот на Цедевит Олимпија, Французинот Жоан Беранже, како 17-ти пик.

Бруклин избра дури пет играчи, со што го собори рекордот по број на пикови за време на првата рунда од драфтот во НБА. Втората рунда од драфтот ќе се одржи ноќта помеѓу четврток и петок.

Scroll to Top