Top Sport

Загина тркачот за кој се верува дека е најстариот маратонец: на 114 години го удрил автомобил додека поминувал улица   

Светот на атлетиката изгуби вистинска легенда – Фаџа Сингх, најстариот човек за кој се верува дека некогаш истрчал маратон, трагично почина во сообраќајна несреќа на 114 години.

Го удрило возило додека поминувал преку патот во неговото родно село Беас Пинд во Индија, јави британски„Скај њус“.

Веста предизвика жалост во целата спортска заедница, особено меѓу атлетите и тркачите ширум светот, кои го сметаа Британецот за голема инспирација.

Фаџа Сингх живеел во британскиот Илфорд од 1992. година, а и покрај скромните физички предиспозиции во детството, не можел да оди до петата година поради слаби нозе, во подоцнежните години станал симбол на издржливост и виталност.

Својот прв маратон во Лондон го истрчал во 2000. година со време од 6 часа и 54 минути, речиси час побрзо од останатите тркачи во таа возрасна група.

Личен рекорд поставил во 2003. во Торонто, завршил маратон за импресивни 5 часа и 40 минути.

Во 2011 година, влезе во историјата како првиот стогодишник што истрчал маратон, а во 2012 година беше и носител на олимпискиот факел на Игрите во Лондон.

Последната трка – 10 километри – ја истрча во 2013 година во Хонг Конг за 1 час, 32 минути и 28 секунди, по што се повлече од натпреварите.

Долговечноста и здравјето, велеше, ги должи на вегетаријанската исхрана полна со ѓумбир и редовната медитација.

Фаџа Синг ќе остане запаметен не само како спортски феномен туку и како мотивациска икона, која покажа дека границите често се само во нашите глави.

Фото: Принтскрин

Scroll to Top