Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, објави дека, по престојот во „Етихад“ Сити, ќе направи пауза од фудбалот, потенцијално и до 15 години.
„Знам дека кога ќе ја завршам оваа фаза со Сити, ќе престанам, тоа е сигурно. Одлуката е донесена“, изјави Гвардиола за GQ Spain.
Договорот на Гвардиола со Сити истекува во 2027 година, и иако тој не кажа директно дека ќе замине тогаш, тој нагласи дека неговата одлука да направи пауза не е спорна.
„Не знам колку ќе трае паузата… една година, две, три, пет, десет, петнаесет – не знам. Но, ќе заминам по ова поглавје бидејќи морам да застанам и да се фокусирам на себе, на моето тело“, рече Шпанецот.
Гвардиола, кој пристигна на „Етихад“ во 2016 година, досега освои 18 трофеи со клубот, вклучувајќи шест титули во Премиер лигата и првата Лига на шампиони во историјата на Сити во сезоната 2022/2023.
Сепак, минатата сезона беше многу предизвикувачка бидејќи клубот заврши без трофеј, прв пат откако Гвардиола го презеде тимот.
„Поминав четири или пет месеци оваа сезона слушајќи 60.000 луѓе на гостувања како скандираат: „Ќе бидеш отпуштен наутро“. Нема друга професија каде што толку многу луѓе јавно сакаат да бидеш отпуштен.“
Последната сезона на Сити беше обележана со повреди, а освојувачот на „Златната топка“ Родрио ги скина предните вкрстени лигаменти во септември.
Тимот го имаше своето најрано испаѓање од Лигата на шампионите од сезоната 2012/2013 и заврши на третото место во Премиер лигата.
„Не беше толку лоша сезона. Игравме во финалето на ФА Купот, завршивме трети… не завршивме дванаесетти. Но, имавме 13, 14 натпревари без победа, тоа никогаш не ни се случи. Дури и кога победувавме, не мислев дека сме нешто посебно“, рече Гвардиола.
Манчестер Сити ја отвора новата сезона во Премиер лигата на 16 август против Вулверхемптон.
Фото/ Принскрин