Top Sport

Д.Р. Конго нов спонзор на Барселона

Фудбалскиот клуб Барселона објави дека потпишал четиригодишен договор за спонзорство со Демократска Република Конго, со кој африканската земја ќе стане спонзор на дресовите на каталонскиот клуб.

Во соопштение на веб-страницата на клубот, Барселона соопшти дека договорот е потпишан со цел да се промовира фудбалот, културата и мирот. Клубот не објави финансиски детали, но шпанските медиуми објавија дека договорот е вреден 44 милиони евра.

Во следните четири сезони, дресовите за тренинг на сите професионални клубови на Барселона ќе го имаат натписот „R.D Congo – Coeur d’Afrique“, што во превод значи „Д.Р. Конко – Срцето на Африка“, отпечатен на задната страна.

„Овој договор означува заедничка посветеност за поттикнување на развојот на спортот во Конго и, како дел од соработката, клубот ќе придонесе за збогатување на тренингот на младите спортисти преку пренесување на својот екосистем на вредности, несомнен столб на моделот и стилот на Барса“, се вели во соопштението.

Барселона се обврза да учествува во развојот на кампови и програми за фудбал, кошарка, ракомет, футсал и хокеј на ролерки.

Договорот, исто така, вклучува и отворање на Домот на Демократска Република Конго во комплексот на стадионот „Камп Ноу“.

Договорот беше критикуван од бројни организации, поради тешката ситуација во Демократска Република Конго, каде што мнозинството од населението живее под линијата на сиромаштија, но и прашањата за почитување на човековите права, по извештаите за вонсудски егзекуции во последните месеци.

Фото/ Принскрин

Scroll to Top