Top Sport

Гвардиола на засилувања потрошил 2,5 милијарди, во Топ 5 се Мурињо, Анчелоти, Симеоне, Алекгри

Специјализираниот портал „Tрансфермаркт“, објави листа на тренери кои потрошиле најмногу пари за нови играчи во текот на нивните кариери. Листата ја предводи Пеп Гвардиола, како тренер на Барселона, Баерн и Манчестер сити.

Пеп Гвардиола е убедливо прв, му треба многу малку за да ја достигне бројката од околу две и пол милијарди евра. Засега, од 2008 година до денес, тренирајќи ги Барселона, Баерн и Манчестер сити, овој 54-годишен Шпанец потрошил точно 2 милијарди и 480 милиони евра според „Tрансфермаркт“.

На листата на Топ 30 тренери, објавена од „Трансфермаркт“, ниту еден друг тренер во светот не ја пробил границата од две милијарди евра за засилувања, но еден е многу блиску.

На второ место е Жозе Мурињо. Познатиот 62-годишен Португалец потрошил 1,96 милијарди евра за нови играчи.

Мурињо почнал да работи седум години пред Гвардиола и тренирал многу повеќе клубови, но јасно е дека почнал да ја „пумпа“ оваа бројка од 2004 година кога го презеде Челзи. А потоа како тренер на Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Рома и сега Фенербахче.

Третото место на оваа листа му припаѓа на 66-годишниот Карло Анчелоти. Познатиот Италијанец, актуелен селектор на Бразил, потрошил 1,83 милијарди евра за засилувања. Неговото тренерско патување започнало кон крајот на минатиот век, во 1995 година, а до денес ги тренирал некои од најголемите клубови на планетата: Јувентус, Милан, Челзи, Пари Сен Жермен, Реал Мадрид, Баерн, Наполи, Евертон…

Во првите пет се „вечниот“ тренер на Атлетик Мадрид, Аргентинецот Диего Симеоне со потрошени 1,52 милијарди евра и уште еден Италијанец и повратник на клупата на Милан, Масимилијано Алегри со 1,48.

На шестото место е исто така Италијанец, поранешен тренер на Јувентус, Интер, Челзи, Тотенхем… сега на Наполи, Антонио Конте со 1,36 милијарди евра. Следен е уште еден Јужноамериканец во првите десет, Чилеанецот Мануел Пелегрини, поранешен тренер на Манчестер сити и Реал Мадрид, сега Бетис. Тој потрошил 1,29 милијарди евра.

Осми на листата е уште еден Шпанец и сегашен менаџер на Астон Вила, Унаи Емери со 1,28 милијарди. Тој поминал време и во Валенсија, ПСЖ, Арсенал…

Последните две места во првите десет им припаѓаат на Германците, актуелниот селектор на Англија, Томас Тухел, со 1,22 и до минатата година менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, со 1,15 милијарди евра.

Покрај потрошените милијарди, „Трансфермаркт“, објави и информации за тоа колку трофеи освоил секој тренер. Според тој критериум, Пеп Гвардиола ги оправда големите инвестиции бидејќи е прв меѓу споменатите тренери со 39 титули и купови, пред Карло Анчелоти со 31 и Жозе Мурињо со 27 трофеи.

Најлош учинок во Топ 10 има Антонио Конте, Италијанецот освоил само девет трофеи.

Foto/ sportklub.n1info.rs

Scroll to Top