Кошаркарскиот клуб Барселона објави дека навивачите на осум клуба повеќе нема да можат да купуваат билети за натпреварите од Евролигата со Каталонците.
Барселона, вчера, започна со продажба на индивидуални билети за натпреварите од Евролигата. Јасно е дека гостински навивачи во „Блауграна“ нема да има на осум од 19 натпревари во претстојната сезона.
Управниот одбор на Барселона одлучи дека само членовите на клубот ќе можат да купуваат билети за натпреварите, сето тоа со цел „да се намалат непријатностите за домашните навивачи кога се домаќини на клубови кои имаат голем број навивачи кои патуваат“.
Партизан и Црвена Звезда се на самиот врв на листата на клубови на чии навивачи им е забранет пристап во „Блауграна“, по што следат Хапоел Тел Авив, Панатинаикос, Олимпијакос, Ефес, Фенербахче и Жалгирис.
Интересно е што Хапоел е на листата, а не Макаби, кој исто така има голем број навивачи кои одат на гостувања, и покрај војната во Израел.
Секој навивач што ќе сака да биде во салата за некој од овие натпревари, или пак на сите, треба да се најави како член на веб-страницата на Барселона. Секој член може да купи колку што сака билети, дури и ако луѓето со кои присуствува на натпреварот не се членови, но при купувањето мора да се согласи да не ги злоупотребува правилата.
Одлуката на администрацијата на Барселона исто така значи дека доколку навивачите на споменатите осум клуба се појават во салата, тие можат да бидат упатени кон излезот во секој момент.
Новата сезона во Евролигата започнува на 30 септември, кога Барселона е домаќин на Хапоел. Каталонскиот клуб ќе го игра својот прв домашен натпревар на 10 октомври, кога ја пречекува Валенсија.