Top Sport

Тимоти Веа: Разговарав со татко ми и веднаш решив да потпишам со Марсеј

Американскиот репрезентативец Тимоти Веа изјави дека неговиот сон се остварил со тоа што се приклучил на Олимпик Марсеј, клубот каде што кратко играл и неговиот татко Жорж Веа.

„Ова е мојот дом сега, многу сум горд што сум тука. Сите ја знаат историјата на клубот, навивачите, стадионот. За мене е сон да бидам тука“, рече 25-годишниот Веа на официјалната презентација.

Веа пристигнува во Марсеј како позајмен играч од Јувентус, каде што игра од 2023 година. Според информациите од неколку медиуми, позајмицата е во вредност од еден милион евра, со опција за откуп на договорот за 14 милиони евра.

„Доаѓам во Марсеј со една цел, да освојам трофеј“, рече Веа.

Роден е во Њујорк во 2000 година и пристигна во младинскиот погон на Пари Сен Жермен на 14-годишна возраст. Потпиша професионален договор со ПСЖ во 2017 година, а потоа играше за Селтик и Лил и стана шампион на Франција во 2021 година.

Неговиот татко, Жорж Веа, единствениот африкански освојувач на Златната топка, го носеше дресот на Олимпик Марсеј на почетокот на 2000-тите.

Пред да се приклучи на клубот, Тимоти разговарал со својот татко:

„Ми раскажа за градот, страста на навивачите и клубот. По тој разговор, ми беше јасно – нема друг избор, доаѓам во Марсеј“.

Поради недостаток на тренинзи, Веа нема да игра на последниот пријателски натпревар на Олимпик против Астон Вила, кој ќе се игра во сабота на стадионот „Велодром“.

Scroll to Top