Top Sport

Реал денес го претставува аргентинското чудо од дете

Реал Мадрид потврди дека Франко Мастантуоно денес ќе биде претставен како нивен нов играч. 17-годишникот официјално стана нов член на Реал Мадрид ова лето, а вкупниот износ на целиот трансфер, како што тврди Ривер Плата, се искачи на 63,2 милиони евра, што ја прави оваа продажба најскапиот излезен трансфер во историјата на аргентинскиот фудбал.

Реал ја плати откупната клаузула во износ од 45 милиони евра, а преостанатиот дел од износот е распределен на следниов начин:

– 11,8 милиони евра одат за данок на шпанските власти
– 1,4 милиони евра одат во здружението на професионални фудбалери
– 900 илјади евра одат во структурните фондови на Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА)
– 3,6 милиони евра се однесуваат на придонесот според владината уредба 510/2023
– 500 илјади евра се однесуваат на други административни трошоци

Мастантуоно веќе остави силен впечаток на теренот и многумина го сметаат за најперспективниот аргентински фудбалер во моментов. Тој е стандарден член на првиот тим на Ривер Плата и може да игра како десно крило и како офанзивен играч од средниот ред.

Неговата игра често започнува на крилото, од каде што влегува кон средината за да ја користи својата исклучително прецизна лева нога. Дополнително, тој не се двоуми да се спушти подлабоко во средниот ред за да помогне во градењето на играта.

Една од неговите најистакнати доблести е неговиот шут од далечина. Пред нешто помалку од два месеци, тој постигна спектакуларен гол од слободен удар во Суперкласико против Бока Јуниорс. Со тој гол, тој стана најмладиот стрелец во историјата на најголемото аргентинско дерби.

Foto/ EPA

Scroll to Top