Top Sport

Трап се врати во Париз, ќе брани за новиот прволигаш, а потоа ќе стане заштитно лице на Луј Витон

Новиот француски фудбалски прволигаш Париз го ангажираше искусниот германски голман, 35-годишниот Кевин Трап, поранешен член на Ајнтрахт Франкфурт, со кого потпиша тригодишен договор. Париз за Траш плати 1.000.000 евра.

Познато е дека мнозинските сопственици на Париз, семејството Арно, имаат речиси неограничени финансиски можности и ќе инвестираат уште повеќе во иднина, но овој пат употребија мал трик во преговорите за Кевин Трап.

Имено, Трап е голем љубител на модата, негова сопруга е бразилската манекенка Изабел Гулар, која моментално живее во Париз.

Затоа претставници на клубот од главниот град на Франција дојдоа кај Трап со многу интересен предлог, дојди и биди наш голман, а по завршувањето на кариерата можеш да бидеш лице на брендот Луј Витон.

Познатата модна куќа е во сопственост на семејството Арно.

За Трап ова ќе биде враќање во главниот град на Франција бидејќи од 2015 до 2018 година беше член на ПСЖ, со кого освои две титули во Лига 1 и два Купа.

Во текот на својата кариера, Трап одигра и девет натпревари за германската репрезентација, а најголем успех во клупската кариера му беше освојувањето на Лигата на Европа со Ајнтрахт во 2022 година.

Scroll to Top