Неверојатно драматичен натпревар на „Сент Џејмс Парк“, синоќа одиграа Њукасл и Ливерпул. „Црвените славеа со 3:2, во последниот натпревар од второто коло на Премиер лигата.
Со играч помалку и два гола негатива, Њукасл успеа да израмни во 88-та минута и реално, според сè што се случуваше на теренот, домашните не само што заслужија бод, тие заслужија да победат.
И кога изедначија, и покрај тоа што беа со играч помалку, тие напаѓаа за победа. На крајот едно невнимание и лошата поставка во одбраната, го искористи тинејџерот на Ливерпул, Рио Енгумоу.
Тој влезе во игра во шестата минута од судиското продолжение наместо Коди Гакпо и во 100-та минута му донесе победа на Ливерпул.
Тој стана најмладиот стрелец во историјата на клубот. И тоа на своето деби во Премиер лигата.
Рио Енгумоу има 16 години (за неколку дена, на 28 август, ќе го прослави својот 17-ти роденден).
Станува збор за поранешен ученик на Академијата на Челзи и младински репрезентативец на Англија по потекло од Нигерија. Англиските медиуми велат дека не можат да си простат на „Стемфорд Бриџ“ што дозволиле таков талент да го напушти клубот. Тој дојде во Ливерпул минатото лето, играше во младинската Лига на шампиони, но Арне Слот брзо го префрли да тренира со првиот тим.
Дебитираше за првиот тим на Ливерпул на 11 јануари 2025 година и стана најмладиот стартер во историјата на клубот во победата од 4:0 против Акрингтон Стенли во ФА Купот. Имаше точно 16 години и 135 дена.
Значи, за неколку дена ќе наполни само 17 години, а веќе покажува неверојатен талент и спортска дрскост. Англиските медиуми ја објавија неговата самоуверена изјава пред неколку месеци:
„Навистина верувам дека еден ден можам да ја освојам Златната топка. Сакам да станам фудбалска легенда и еден од најдобрите играчи на сите времиња“, рече Рио Енгумоа.
A star is born 🌟
Rio Ngumoha's dramatic winner for Liverpool made the wonderkid the fourth youngest goalscorer in Premier League history pic.twitter.com/MXJ4ZyVq8T
— Transfermarkt.co.uk (@TMuk_news) August 25, 2025