Џанлуиџи Донарума е последното засилување на Манчестер сити, во летниот преоден рок, потврди англискиот клуб во објава на социјалните мрежи.
Донарума, до неодамна голман на Пари Сен Жермен, пристигна во синиот дел на Манчестер во трансфер вреден околу 35.000.000 евра.
Сити евтино помина бидејќи Донарума влезе во последната година од договорот. Пари Сен Жермен, не сакаше да дозволи по завршувањето на сезоната тој да замине без обесштетување, што им се случи минатото лето со Килијан Мбапе.
Џиџи има само 26 години, а зенитот на неговата кариера допрва треба да дојде. Тој ја освои Лига 1 четири пати, додека еднаш го крена Купот на Франција. Ја освои Европа со „Аѕурите“ во 2021 година, а ја освои и Лигата на шампионите со Парижаните во мај. Потоа беше прогласен за најдобар голман на Стариот континент, сосема заслужено.
Сепак, љубовта пукна и тој не успеа да постигне договор со челниците на клубот од „Паркот на принцовите“ во врска со продолжувањето на соработката.
Потоа Луис Енрике го доведе Лукас Шевалие од Лил како прва опција на голот, а Сити го испрати Едерсон во Фенербахче за да направи место за Донарума.
Италијанецот потпиша петгодишен договор, со плата од 15.000.000 евра во првата сезона, со постепено зголемување во наредните години.
Foto/ Manchester City, X screenshot