Бразилецот Антони се расплака по враќањето во Севилја, раскажа колку му било тешко во последните 40 денови додека престојувал во хотел пред конечно да се реализира неговиот трансфер од Манчестер јунајтед во Бетис.
Антони ќе биде адутот на Бетис и во новата сезона, но овој пат не како позајмен играч од Манчестер јунајтед. Шпанскиот клуб успеа да го откупи неговиот договор од Манчестер јунајтед по долги преговори.
Трансферот изнесуваше 25 милиони евра (21 милион фунти), а играчот и клубот потпишаа петгодишен договор.
Славниот клуб од „Олд Трафорд“ е во голема финансиска загуба, бидејќи му плати на Ајакс дури 95 милиони евра за Антони во летото 2022 година.
Факт е дека Антони никогаш не ја оправда големата инвестиција, односно парите што во него ги вложи Манчестер јунајтед. Вториот дел од минатата сезона го мина на позајмица во Бетис и тука навести дека може да биде на нивото на кое беше во Ајакс.
𝔎𝔦𝔫𝔤 𝔬𝔣 𝔗𝔯𝔦𝔞𝔫𝔞 👑🐐 pic.twitter.com/DFvqxJxj3M
— Real Betis Balompié (@RealBetis_en) September 2, 2025
Едноставно, откако пристигна во Шпанија, во прекрасната Севилја, се чувствуваше како дома, одигра одлична полусезона и со девет гола и пет асистенции во 26 натпревари му помогна на тимот на Мануел Пелегрини да игра во финалето на Конференциската лига минатата сезона и да обезбеди пласман во Лигата на Европа.
„Каква разлика! Севиља е поубава од Манчестер. Конечно сум повторно тука. Поминав повеќе од 40 дена во хотел, беше многу тешко, но сите знаеја дека сакам да се вратам. Со нетрпение очекувам повторно да го носам дресот на Бетис. Можам само да им се заблагодарам на сите што го овозможија тоа“, рече Антони без да ги крие солзите.