Кошаркарската репрезентација на Црна Гора доеживеа елиминација од Евробаскетот. Во последниот натпревар во Б групата, Црна Гора загуби од Велика Британија 89:83. Пред дуелот меѓу Шведска и Литванија, три селекции имаат по една победа, во тој круг најдобра е Шведска која од четвртото место ќе оди во осминафиналето.
Натпреварот во Тампере беше последен во дресот на националниот тим за Никола Вучевиќ. Центарот на Чикаго Булс единствен беше на потребното ниво против Велика Британија со 31 поени, 11 скока и седум асистенции.
Солзите на Никола Вучевиќ во микс зоната на „Нокиа Арена“ во Тампере ќе останат единствената слика што ќе се памети од петтиот настап на Црна Гора на Евробаскетот.
„Имаше некои ситуации, но не е вина на судиите, туку наша вина. Многу грешки за натпревар од вакво ниво. Им дозволивме повеќе отколку што тие самите можеа. Немавме фокус, енергија и желба за игра… Не знам… Едноставно не игравме на нивото, не ја оправдавме улогата на фаворити, не бевме на потребното ниво. Наша вина е“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ потврди дека денешниот дуел беше негово збогување со репрезентацијата.
„Имаше добри и лоши моменти, што е дел од кариерата. Би сакал да им се заблагодарам на сите, почнав како кадет, би сакал да им се заблагодарам на сите мои соиграчи со кои поминав низ многу работи и ќе ги паметам тоа – тие пријателства. Што се однесува до самата кошарка, тоа Светско првенство останува како добар спомен, денес жалам што не успеавме, ова ќе беше голем успех. Благодарност до навивачите кои секогаш нè следеа“.
Foto/ EPA