Даниела Алексоска ќе влезе во кафезот двапати во рок од само 13 дена.
На 14-ти септември ја очекува борба против Флaцеа Алда од Молдавија, на спектакуларниот настан ARMMADA 14, кој ќе се одржи во Скопје, во Јане Сандански Арена, со почеток од 19:30 часот. Ова ќе биде нејзиното прво појавување пред домашната публика.
Веднаш потоа, на 27-ми септември, Алексоска ќе ја претставува Македонија на Светското ММА Првенство во Тбилиси, Грузија, во категорија 52.2 кг, каде е рангирана како #3 во светот, благодарение на својата доминација и освоеното злато на Европското ММА Првенство.
„Ваквиот подвиг е толку редок што дури и на најголемата светска ММА сцена – UFC – само неколикумина борци, како Доналд “Cowboy” Сероне и Хамзат Чимаев, се осмелиле да прифатат толку голем предизвик“, велат од Македонската ММА Федерација.
Додаваат дека она што Алексоска ќе го направи – борба пред домашната публика на најголемиот ММА настан во историјата на Македонија, а потоа светско првенство за само две недели – ја прави единствената на Балканот што прифатила ваков предизвик на толку високо ниво.
Алексоска веќе има историја на тестирање на сопствените граници. Минатата година (2024), на 2-ри ноември, таа го освои златниот медал на престижното АДЦЦ Јужноевропско Првенство во Белград, Србија, а само три дена подоцна настапи на Светското ММА Првенство во Ташкент, Узбекистан, каде успеа да се закити со бронзен медал.
Ова е доказ за храброст, и професионализамот на Даниела, и нејзиниот тим “The Strongest”.
Билетите за ARMMADA 14 се достапни на ticketx.com.mk.