Top Sport

Болт: Моите рекорди еден ден ќе паднат, но не сум загрижен

Поминаа 16 години откако Јусеин Болт постави светски рекорди на 100 и 200 метри, а легендарниот спринтер верува дека тие резултати нема да бидат загрозени долго време.

„Не сум загрижен“, рече Болт на настан на „Пума“, два дена пред почетокот на Светското првенство.

Болт ги постави рекордите (9,58 секунди на 100 и 19,19 секунди на 200 метри) во 2009 година во Берлин.

Оттогаш, само Јохан Блејк успеа да трча под 9,7 секунди на 100 метри и побрзо од 19,3 секунди на 200 метри.

Американецот Ноа Лајлс беше единствениот кој отворено објави дека сака да ги сруши рекордите на Болт.

Тој ги освои двата спринта на светските првенства во 2023 година, но неговиот најдобар резултат беше 19,31 секунди на 200 метри од 2022 година, што е нов американски рекорд.

Најдобриот резултат во 2025 година го постави Јамајканецот Кишане Томпсон (9,75 секунди), па се очекува дека тој, заедно со сонародникот Облик Севил, ќе биде фаворит во финалето на 100 метри. Болт предвидува дека Јамајка ќе ги заземе првите две места.

„Сè е во правилното изведување на трката, а не обрнувањето внимание на бучавата од страна“, рече Болт.

Австралискиот тинејџер Гут Гут (17), кој веќе го споредуваат со Болт поради неговиот стил и резултати, би можел да биде кандидат за соборување на рекордот во иднина.

„Лесно е во помладите категории, но преминот во сениорското натпреварување е многу потежок. Сè зависи од вистинскиот тренер и вистинското окружување“, рече Болт.

Иако верува дека напредокот во технологијата за атлетски обувки еден ден ќе доведе до нови рекорди, Болт верува дека неговите резултати засега не се во опасност.

„Сè во животот еволуира, луѓето сакаат да бидат подобри и побрзи. Нема да биде изненадување кога тоа ќе се случи, но нема да се случи сега“, заклучи Болт.

Foto/ EPA

Scroll to Top