Мото ГП шампионатот и досега имаше посебно место за своите легенди, а од четврток има и официјална Куќа на славните, која беше откриена во пресрет на Големата награда на Сан Марино во Римини оваа недела.
На посебен настан во Римини, се собраа најголемите ѕвезди на мотоциклизмот кои повеќе не се активни, а кои меѓусебно имаат 23 титули и повеќе од 300 победи. Легендите кои повеќе не се со нас: Умберто Масети, Џеф Дјук, Џон Сартис, Мајк Хејлвуд, Фил Рид и Бери Шин, први беа примени во Куќата на славните.
Присутните ги предводеше најтрофејниот возач во историјата – Џакомо Агостини, кој во текот на својата кариера освои неверојатни 15 титули и забележа рекордни 122 победи.
По него следеа Кени Робертс, Фреди Спенсер, Еди Лосон, Вејн Рејни, Мик Дуан, Кејси Стонер, Дани Педроса и човекот кој е најзаслужен за најголемата популарност на Мото ГП шампионатот, Валентино Роси.
Сите тие добија медали во чест на влегувањето во Куќата на славните, но и плакети што одат во Кулата на шампионите, која му се доделува на шампионот од кралската класа.
Кулата на шампионите, патем, претрпе измени во однос на оригиналната верзија, во согласност со новиот идентитет на најспектакуларниот спорт во светот, како што го промовираат оние што го водат.
Секако, првиот сопственик на новиот трофеј ќе биде Марк Маркез, кој не може да ја обезбеди титулата овој викенд, но ќе ја има својата прва шанса за две недели, во Јапонија.
Вниманието сега е насочено кон самата патека, бидејќи акцијата за Големата награда на Сан Марино и Римини започна во Мизано и продолжува до недела.
Foto/ motogp.com