Top Sport

Атлетико Мадрид ќе добие нов сопственик?

Шпанскиот фудбалски клуб Атлетико Мадрид би можел да добие нови сопственици, тврдат шпанските медиуми. „Експансион“, беше првиот што објави дека сопствениците на Атлетико Мадрид се во финални преговори со американскиот инвестициски фонд „Аполо Глобал Менаџмент“, кој треба да стане нов мнозински акционер на клубот. „Аполо“ ја проценува вредноста на клубот на 2,5 милијарди евра.

Моменталниот мнозински акционер на клубот е „Атлетико Холдко“, компанија која поседува повеќе од 70 проценти од акциите.

Компанијата е првенствено управувана од Мигел Анхел Хил, а другите акционери се американската приватна инвестициска компанија „Арес Менаџмент“ и Енрике Серезо, претседателот на Атлетико. Останатите акции на клубот се во сопственост на „Квантум Пацифик“, британска компанија основана од израелскиот тајкун Идан Офер.

„Аполо“, котира на њујоршката берза, управува со средства вредни повеќе од 800 милијарди долари и планира да лансира спортски инвестициски фонд вреден 5 милијарди долари, објави „Фајненшл тајмс“. Се наведува дека „Аполо“ не разгледува промени во раководството на клубот.

Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона се во сопственост на навивачи, без приватна сопственост, па затоа Атлетико Мадрид треба да стане највредниот приватен клуб во Шпанија.

Scroll to Top