Префектот на Неапол, Микеле Ди Бари, ја забрани продажбата на билети за навивачите на Ајнтрахт Франкфурт за натпреварот од Лигата на шампионите против Наполи во ноември од безбедносни причини.
Како што објави весникот „Република“, забраната е донесена врз основа на советот на Полициската управа во Неапол и во согласност со одлуките на Покраинскиот комитет за јавен ред и безбедност.
Според одлуката, навивачите на Ајнтрахт нема да можат да купат билет за ниту еден сектор на стадионот во Неапол за натпреварот на 4 ноември.
Меѓу навивачите на двата клуба во 2023 година, во пресрет на реваншот во нокаут фазата од Лигата на шампионите, избувнаа големи тепачки на улиците на Неапол.
Насилството избувна откако 470 од најстраствените навивачи на Ајнтрахт, на кои им беше забранет влез на стадионот, се собраа во центарот на градот.
Потоа полицијата уапси петмина навивачи на Наполи и тројца навивачи на Ајнтрахт. Двајца полицајци беа повредени во немирите, автомобили во близина беа запалени, а девет германски навивачи добија медицинска помош, некои од нив поради убодни рани.
Фото/ Принтскрин