Top Sport

Мициќ сезонава ќе заработи богатство, има плата од 5,6 милиони долари

Евролигата влезе во ера на супер богати договори – платите на кошаркарите достигнуваат нивоа што до неодамна изгледаа незамисливи. Најновата листа на веб-страницата „Eurohoops“ открива дека за место меѓу десетте најплатени, потребно е да се заработат речиси три милиони долари нето годишно.

На самиот врв е Василије Мициќ, кој по враќањето од НБА потпиша рекорден договор со Хапоел Тел Авив.

Трофејниот српски плејмејкер ќе инкасира 5,6 милиони долари по сезона, со напомена дека преку договорот добил и дел од сопственоста на клубот. Вкупната вредност на тригодишниот договор се проценува на 14 милиони евра нето, што го прави најплатениот играч во историјата на европската кошарка.

Веднаш зад него е играчтот на Панатинаикос, Кендрик Нан, чија нова плата е 5,3 милиони долари, додека третото место му припаѓа на Саша Везенков од Олимпијакос со 4,1 милиони.

На листата се наоѓаат и Шејн Ларкин (3,75 милиони, Анадолу Ефес), потоа Џанан Муса, кој ги удвои своите приходи на 3,5 милиони со преселбата во Дубаи, како и францускиот репрезентативец Еван Фурние (3,2 милиони, Олимпијакос).

Свое место во елитниот круг најдоа и Матијас Лесор (3,2 милиони, Панатинаикос), Костас Слукас (3,1 милион, Панатинаикос) и Мајк Џејмс, кој сè уште го држи статусот на НБА ѕвезда во Монако со три милиони долари, иако падна на деветтата позиција.

Листата ја затвораат двајца кошаркари со идентични приходи: Еди Таварес од Реал Мадрид и Елајџа Брајант од Хапоел, двајцата со 2,7 милиони долари.

Scroll to Top