Нема повеќе дилеми – Италија е земја на одбојката. По големиот успех на женската репрезентација, денеска и машкиот национален тим стигна до титула светски првак, освојувајќи го златото на Светското првенство кое се одржуваше на Филипините.
Во финалето, Италијанците ја совладаа Бугарија со 3:1 во сетови и на тој начин ја одбранија титулата од претходното Светско првенство. Ова е нивна вкупно петта светска круна, со што уште еднаш ја потврдија својата доминација на светската одбојкарска сцена.
Италија одигра импресивен турнир – сигурна, моќна и дисциплинирана, што на крај сосема заслужено ги донесе до златниот пехар.
Тек на финалето:
Првиот сет заврши со 25:21 за Италија.
Во вториот сет „азурите“ беа уште поубедливи и славеа со 25:17.
Бугарија се врати во третиот сет и намали на 2:1 по сетови, освојувајќи го со 25:17.
Но, четвртиот сет беше вистинска одбојкарска уметност од Италија и целосен колапс на Бугарите – 25:10 за конечни 3:1.
Со оваа победа Италија не само што го потврди статусот на актуелен шампион, туку покажа дека има генерација способна за долгогодишна доминација.
Бронзата на шампионатот замина кај Полска, која во мечот за третото место ја совлада Чешка со 3:1 во сетови.