Top Sport

МЗТ Скопје го крена Суперкупот, кај дамите славеше Баскет Кам

МЗТ Скопје повторно го крена пехарот во мак-баскетот, овојпат во Суперкупот на Македонија, совладувајќи го Кожув со 71-64. Иако важеше за аутсајдер, тимот од Гевгелија одигра храбро и му зададе многу проблеми на фаворитот, па исходот се решаваше во последните минути. За „штрковите“ ова е осмо трофејно одличје во натпреварувањето што ја отвора новата сезона.

Кожув одлично влезе во мечот и првата четвртина ја заврши со водство 11-18, а и на полувреме остана во плус (26-31). Но, МЗТ со серија преку Андоноски, Крстевски и Магдевски направи пресврт и замина на одмор со минимално водство (32-31).

Во продолжението, Парвис и Николоас беа движечка сила на Кожув и натпреварот остана неизвесен. Се менуваа водства (38-38, 43-44, 52-52), а пред последната четвртина МЗТ имаше тесна предност од три поени (55-52) благодарение на тројката на Војдан Стојановски.

Клучниот момент дојде во самиот финиш – при резултат 63-62, Стојановски повторно погоди од дистанца и донесе мир во редовите на аеродромци. Остатокот беше рутина – Дамјан Стојановски и Марин Петков од линијата за слободни фрлања ја потврдија победата.

Кошаркарките на Баскет Кам повторно го освоија Суперкупот на Македонија, откако во финалето беа подобри од Вардар со убедливи 63-44 и го одбранија трофејот.

Scroll to Top