Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, изјави дека на англискиот клуб му се потребни големи промени и додаде дека не го препознава клубот каде што играл.
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед се на 14-то место на табелата во Премиер лигата со седум бода. Англискиот клуб ја освои последната титула пред 12 години кога Руни го носеше дресот на клубот од „Олд Трафорд“.
„Едноставно не знам што се случува. Се обидов да бидам менаџер и не успеав. Рубен Аморим е на мои години, тој е сè уште млад менаџер и сигурен сум дека сè уште има голема иднина, но она што се случува во Манчестер Јунајтед, ова не е Манчестер Јунајтед. Навистина се надевам дека може да ги сврти работите и дека ќе го стори тоа. Но, ако ме прашувате дали верувате дека ќе го стори тоа, тогаш, по сè што видов, искрено не верувам дека тоа и ќе се случи“, рече Руни во подкастот на Би-би-си.
Тој изјави дека не гледа ништо што му дава самодоверба и додаде дека на Манчестер му се потребни големи промени.
„Менаџерот, играчите, што и да е. Што и да е потребно за Манчестер Јунајтед да се врати. Потребна е јасна порака од сопственикот. Без разлика дали се работи за Глејзерови, Џим Ратклиф, мора да има порака за тоа каде оди овој клуб. Во моментов сите седиме и чекаме да се распадне“, рече Руни.
Најдобриот стрелец во историјата на Јунајтед рече дека не го препознава клубот во кој помина 13 години.
„Културата на тој фудбалски клуб исчезна. Го гледам тоа секој ден, членови на персоналот добиваат отказ по 20, 30 години работа, а тоа се многу важни луѓе за тој фудбалски клуб. Имам две деца во академијата на тој фудбалски клуб и навистина се надевам дека ова нема да влијае на нив. Душата исчезна од клубот. Потребен му е нов мотор, нов моментум. Потребено е нешто за да го покрене Јунајтед“, рече поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед.
Инеос Групацијата на Ратклиф купи 27,7 проценти од акциите на Јунајтед во февруари 2024 година во вредност од околу 1,25 милијарди фунти.
Вкупниот број на вработени се намали од 1.100 на 700 во последните две години по контроверзните отпуштања.
Семејството Глејзер, кое е сопственик на Манчестер Јунајтед од 2005 година, го задржа мнозинскиот удел, но Инеос ја презеде контролата врз фудбалските операции на клубот.