Златан Ибрахимовиќ вчера го прослави 44-ти роденден, и како и секоја година, ја продолжи традицијата. Се почести со нов луксузен автомобил, а се пофали со својот избор на социјалните мрежи со пораката: „Среќен роденден Златан“, пишува „Aftonbladet“.
Неговата гаража е побогата за „Ferrari F80“, најновиот хиперавтомобил од Маранело.
Автомобилскиот експерт Матес Нилсон објаснува како ова бил логичен потег за познатиот фудбалер.
„Тој е апсолутно во право што го купи, па затоа неговата колекција од модерни ѕверови на „Ferrari“ е комплетна“, рече Нилсон.
Тој го опиша „F80“, како водечки автомобил на „Ferrari“ и наследник на легендарните модели „LaFerrari“ и „Enzo“.
„Тоа е супер спортски автомобил инспириран од Формула 1. Може да се каже дека е речиси Формула 1 автомобил за друмско возење“, додаде тој.
Произведени се само 799 примероци од овој модел, а може да го купат само одбрани и лојални клиенти на брендот.
Се шпекулира дека неговата цена достигнува околу четири милиони евра. Со хибридниот погон V6, автомобилот достигнува максимална брзина од 350 км/ч, а забрзува од 0 до 100 км/ч за само 2,15 секунди.
„Значи, тоа е вистински ѕвер. Еден од најбрзите автомобили во светот“, истакнува Нилсон.