Top Sport

Тектонски промени во фудбалот – Доаѓа Лига на шампиони 3.0

Идејата за формат на Суперлига во фудбалот е повторно актуелна, и не само тоа, туку е многу блиску до реализација, што значи дека ќе се случат тектонски промени во фудбалот.

Приказната за Суперлигата започна пред неколку години, но не се реализираше. Сепак, ситуацијата сега е сосема поинаква.

Компанијата А22, која беше еден од иницијаторите на идејата за Суперлига, со месеци водела тајни преговори со УЕФА за да формира ново натпреварување, кое би ја заменило постоечката Лига на шампиони, објавува „Мундо Депортиво“.

Натпреварувањето сепак би се викало Лига на шампиони, но на сите нивоа би претрпело големи промени.

Она што веројатно најмногу ги интересира гледачите во Македонија е каде ќе можат да ги следат натпреварите. Според најавите од 2027 година, кога се очекува да биде лансиран новиот форма, А22 и УЕФА планираат сите натпревари да се емитуваат на една глобална ТВ платформа, а во моментов главен кандидат е шпанската компанија „Unify“.

Договорот меѓу УЕФА и телевизиските куќи истекува во 2027 година, што дополнително ја зголемува веројатноста дека гореспоменатиот договор ќе биде имплементиран.

Каков би бил форматот на новата Лига на шампиони?

Имено, таа би задржала 36 екипи и квалификации за натпреварувањето, што е различно во споредба со првичниот план за формирање на Суперлига. Екипите би биле поделени во две групи. Во првата би се натпреварувале првите 18 екипи на УЕФА листата, а во втората екипите од 19 до 36 место.

Осумте најдобри од првата група би оделе директно во осминафиналето, додека екипите од деветтото до 16-тото место од првата група и екипите пласирани од првата до осмата позиција во втората група, би играле меѓусебно плеј оф за пласман во осминафиналето.

Што се однесува до квалификациите, форматот не би требало да се менува.

Scroll to Top