Фудбалерите на Партизан ја победија Војводина во дербито од 11-то коло од српската Суперлига и со тоа го прославија својот 80-ти роденден. Натпреварот мина во дивеењето на навивачите на црно-белите. Партизан сигурно ќе биде жестоко казнет.
Партизан ја победи Војводина со 1:0, со голот на Милошевиќ од пенал во 18-та минута. Гостите од 30-та минута играа со фудбалер помалку, кога директен црвен картон доби Тањга.
Верувале или не натпреварот траеше речиси три часа. Пет пати беше прекинат, последен пат во 72-та минута кога главниот судија ги испрати играчите во соблекувалната. Прекинот траеше 20-тина минути, а според извештаите, играчите на Војводина биле на туширање кога им соопштиле дека повотрно треба да се вратата на теренот.
Најдраматично на теренот беше во 53-та минута кога играчот на гостинскиот тим, Марко Полетановиќ, остана да лежи на земја, откако во негова близина експлодира „топовски удар“.
Само 15 секунди подоцна, експлодира уште еден „топовски удар“, недалеку од главата на фудбалерот на Војводина. Полетановиќ веднаш стана, а потоа разни предмети полетаа кон теренот… За среќа, тука сè заврши.
Судијата Живковиќ накратко се консултираше со делегатот Владо Глоѓовиќ, познат службеник за обезбедување на УЕФА. Беше донесена одлука натпреварот да продолжи.
На потег е Фудбалскиот сојуз на Србија, но прашање е дали има моќ да се справи со навивачкото дивеење, бидејќи пред само една недела слични сцени имаше и на натпреварот на кој Црвена звезда го славеше својот роденден.
Foto/ Starsport/Peđa Milosavljević