Светското првенство за играчи до 20 години моментално се игра во Чиле, а веќе во групите се случи првата голема сензација. Бразил го заврши учеството по три кола и за прв пат во историјата доживеа елиминација во групата. Во оваа возрасна категорија Бразилците се петкратни шампиони.
Бразилците го отворија турнирот со нерешен резултат 2:2 со Мексико, а потоа загубија од Мароко со 1:2. Во третото коло против Шпанија им беше потребна победа за да се пласираат во осминафиналето, но беа поразени со 0:1 и го завршија турнирот со еден бод.
„Сите сме многу тажни и разочарани. Ова е мое шесто натпреварување на чело на националниот тим и прв пат сме елиминирани во групната фаза. Ова е тежок удар, не го очекувавме ова. Навивачите се разочарани, ќе има критики и мора да бидеме подготвени за сè“, рече селекторот Рамон Менезес, кој веднаш доби отказ од челниците на Фудбалскиот сојуз на Бразил.
Реакциите на медиумите и јавноста во Бразил беа исклучително негативни. Испаѓањето беше опишано како историски неуспех и како знак за подлабоки проблеми во фудбалот во земјата.
Се споменуваат и претходни неуспеси, вклучувајќи го пропуштањето на Олимписките игри во Париз и испаѓањето на помладите селекции на светските првенства во категориите до 17 и до 20 години во текот на 2023 година.