Фудбалската репрезентација на Црна Гора претрпе тежок пораз од 4:0 против Фарските Острови во групата Л и со тоа математички испадна од сите комбинации за пласман на Светското првенство.
Кошмарно деби во Торшван имаше новиот селектор, легендата на црногорскиот фудбал, Мирко Вучиниќ. Домашните поведоа во 16-та минута преку Ханус Серенсен, а Арни Фредериксберг го зголеми резултатот на 2:0 во 36-та минута. Истите играчи беа стрелци и во второто полувреме.
Вучиниќ беше скршен по натпреварот и отворено го критикуваше пристапот на некои од играчите, тој посочи дека играчите не биле фокусирани и дека лоша реагирале по првиот примен гол и рече дека репрезентацијата мора да се врати на основите: работа, борба и скромност.
„Секако нема да го паметам натпреварот по добро бидејќи загубивме со 4:0. Многу ми е жал, ја преземам вината врз себе. Игравме добро 15 минути додека не примивме гол, потоа не бевме доволно ментално силни за да се вратиме.
Видов многу лоши работи, не бевме фокусирани и концентрирани кога изведуваа корнери, аути…Малку се изгубивме на теренот, жал ми е, очигледно не можев да влијаам на нив колку што требаше“, рече Вучиниќ, за кого ова е прва тренерска работа.
„Сите треба да се запрашаме зошто загубивме девет гостувања по ред. Имам свои идеи, ќе им ги презентирам на играчите во соблекувалната, не пред камерите. Мора да бидеме скромни, но не сме. Неколку играчи мислат дека се мајстори, а ние мора да ораме и да работиме. Тоа е нашиот менталитет – мајстори, мајстори… А мајсторите во Европа трчаат и се борат на теренот“.
Вучиниќ повтори дека нема напредок без работа и жртва, без оглед на потенцијалот што го поседува тимот. „Реков дека мора да играме со волја и желба. Можеме да бидеме мајстори, но без работа нема никаде да стигнеме“, додаде црногорскиот тренер.
За четири дена, Црна Гора ќе го пречека Лихтенштајн во Подгорица во пријателски натпревар со почеток во 18:00 часот, а во ноември, во квалификациите, имаат гостување во Гибралтар и дуел со Хрватска на домашен терен.
Фото/ Принтскрин