Србија и Албанија вечерва во Лесковац ќе го одиграат можеби клучниот натпревар за второто место во групата и пласман кон Светското првенство. Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, уверува дека тимот е подготвен и дека противникот е добро анализиран.
„Не можат да нѐ изненадат, знаеме кои промени ќе ги направат. Можеби ќе ротираат поради повреди, но системот останува ист. Ќе играат со четворица во одбраната. Ова е важен натпревар и секој ќе сака да го покаже својот квалитет. Фудбалот е жива игра, никогаш не знаеш што ќе се случи, но ќе се потрудиме Србија да изгледа вистински на теренот“, изјави Стојковиќ.
Пикси се осврна и на свирежите што ги доби по тешкиот пораз од Англија во Белград.
„Важно е да победиме, а потоа веројатно ќе бидам национален херој. Свирежите на ‘Маракана’ не беа спортски, имаа политичка заднина, нешто што мене не ме интересира. Сега размислуваме само за три бода. Навивачите доаѓаат да ја бодрат Србија и да покажат љубов кон нацијата и кон фудбалерите“, порача селекторот.