Јусеин Болт сепак нема да потпише професионален договор со австралискиот тим Централ коуст маринерс. Како што објави новинарот на „Фокс“, Даниел Граб, финансиските барања на поранешниот атлетичар ги шокирале Австралијците.
Болт неколку месеци се наоѓа на проба во Централ коуст маринерс, изминатата недела постигна два гола во контролен натпревар, па клубот решил да му понуди професионален договор.
Меѓутоа, според новинарот Граб, договорот нема да биде потпишан бидејќи клубот на Болт му понудил 150.000 долари по сезона, а најбрзиот човек во светот ги шокирал со барањето од три милиони евра по сезона.
„Нема да потпише договор. Проблем се парите и несогласувањата со тренерот. На крајот тренерот не сакаше да има играч во тимот кој би влијаел на продажбата на билетите, а не на играта на тимот“, рекол Граб.