Ракометарите на Охрид се веќе со едната нога во следната рунда од ЕХФ Европскиот Куп. „Гладијаторите“ приредија вистинска ракометна лекција за Баку и на првиот меч славеа со неверојатни 44-11.
Од самиот старт беше јасно кој е господар на теренот. Охрид поведе со 5-1, потоа зголеми на 10-3, а на полувремето веќе имаше убедливи 24-7.
Голманот Чаневски одигра меч за паметење – одбрани 22 удари и заврши со 68 % успешност, што беше дополнителен удар за азербејџанскиот тим.
Тренерот Ројевиќ во второто полувреме им даде шанса на сите ракометари, но разликата само растеше. На крајот – 33 голови предност за македонскиот претставник.
Најефикасен беше Иванковиќ со девет погодоци, додека Ојлески и Ѓукиќ постигнаа по шест. Кај гостите се истакна Мамадов со четири гола.
Реваншот кој се игра утре од 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе биде само формалност – јасно е дека Охрид патува меѓу најдобрите 32 екипи во ЕХФ Купот.